





Скопски
Самит
февруари 22-23, 2001
Скопски
Самит
октомври 25, 2000
Собрание
на
Република Македонија
Македонска
Информативна Агенција
|
ОБРАЌАЊЕ
НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СОБРАНИЕТО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, г. СТОЈАН АНДОВ
Ваши екселенции,
Почитувани пратеници,
Дами и господа,
Најнапред уште еднаш
сакам да го изразам задоволството заради вашето присуство на Конференцијата
на претседателите на парламентите на Југоисточна Европа. Тоа го сметаме
за израз на евидентна поддршка како на парламентите на земјите и на
меѓународните организации кои ги претставувате, така и на Вас лично.
Истовремено тоа е и израз на готовноста за заедничко зајакнување на
парламентарната димензија на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Можам само да изразам благодарност што трагичните настани со кои се
соочуваме не го поколебаа никој од поканетите. Тоа го сметаме како јасен
сигнал не само во однос на Македонија, туку и кон изградувањето на нова
клима на доверба, соработка и заедничка поддршка во нашиот регион. Затоа
секако е потребен ангажман и партиципација на најширока основа на сите
нас. Верувам дека го делите моето мислење дека е крајно време европскиот
југоисток да започне да се однесува како европскиот север. Нордиските
земји се навистина тие од чие искуство можеме да се инспирираме и учиме
- ако сакаме нашите народи и граѓани да ги уживаат благодетите и можностите
на новиот век и да имаат високи стандарди во заштитата на човековите
права, како и сигурност и благосостојба во личниот и семејниот живот.
Појдовниот мотив за Конференцијата ни беше дека во новиот милениум треба
да се свртиме кон иднината на нашите граѓани и нашите млади генерации,
во што парламентите како нивни вистински репрезенти, можат и треба да
имаат значајна улога. За билатералната и мултилатералната парламентарна
соработка денес, повеќе од кога било порано, има потреба и заедничка
готовност. Тоа беше констатирано уште на Конференцијата во Атина 1997
година во нејзиниот едногласен заклучок дека парламентарниот дијалог
треба да биде институционализиран преку Конференцијата на претседателите
на парламентите на Југоисточна Европа врз основа на ротациониот систем.
За жал, од разни причини, тоа во изминатите години не беше реализирано.
Имавме само некои парламентарни средби на пониско ниво, кои не станаа
постојана форма на заедничка активност. Се создаде извесен јаз меѓу
парламентарната соработка и соработката на владина основа која се карактеризира
со континуитет и заеднички определена структура за дејствување, која
е во постојан развој и проширување. Се надевам дека тоа ќе успееме да
го надминеме во периодот што е пред нас.
Драги пријатели,
Конципирајќи ја самата тема за нашата денешна Конференција, пред себе
ја имавме иднината на нашиот регион - иднина за која толку многу сите
сакаме да размислуваме и говориме. Сите четири набележани елементи:
стабилноста, економскиот развој, демократијата и добрососедската соработка,
ги поставиме како четири столба на една наша заедничка творба. Секој
од нив е неопходен за творбата да опстане и секој од нив мора да биде
доволно силен за да ја издржи градбата што се создава.
Првиот столб - економски развој: тема широка и често повторувана и експлоатирана,
но за сите нас суштествена - и за оние побогатите и за оние понеразвиените.
Економските реформи за сите земји во регионот се императив. Тие тешко
го погодуваат најголемиот дел од населението, но се неизбежни. Треба
да се постави здрава основа за развој на пазарната економија, за заживување
на стопанството, за негово оспособување и постепено постигнување повисока
конкурентност. Потребно е да се издржи притисокот на невработеноста
и да се опстои во борбата против инфлацијата. Паралелно со сето тоа
треба да се градат нови поефикасни пазарни институции, кои ќе ги придвижуваат
и преобразуваат нефлексибилните државни даночни, царински и други системи.
Многу реформски зафати се потребни за да се стигне до пресвртната точка
и да се постават онсовните услови за стабилен и динамичен развој.
Второ: демократијата - повторно тема за која можеме да зборуваме бескрајно.
Но треба да ја лоцираме овде и сега и да зборуваме за неа преку конкретни
критериуми и мерила. Градењето демократски институции не е парола, туку
макотрпна работа чиј резултат е видлив и мерлив. За демократските реформи
и унапредувањето на човековите права можеме и треба да ги користиме
искуствата на другите, но нив треба да ги оживотвориме исклучиво со
демократски средства.
Никој во денешниов свет не може да се развива изолирано и тоа е третиот
столб на кој сакам да укажам. Сите сме меѓузависни и упатени едни кон
други. Во свртувањето кон Европа и светот како да ја запоставивме соработката
меѓу нас, најблиските соседи, па други требаше да н# потсетуваат дека
регионалната соработка - и тоа на сите полиња ни е неопходна. Процесот
за соработка во Југоисточна Европа во кој денес и утре го даваме својот
парламентарен прилог меѓутоа не е можен без нас, земјите во регионот
и без нашата волја за соработка.
Многу организации, преку бројни програми и процеси настојуваат да му
помогнат на нашиот регион. Ние сакаме во тоа активно да партиципираме
придонесувајќи на концепирањето и доследното реализирање на договореното.
Тоа е можно само ако ја зголемиме рационалноста и ефикасност на напорите
и средствата што се вложуваат.
Стабилноста не требаше да биде акцент на моето обраќање. Мислев дека
нема да има потреба да се враќаме назад. Но, за жал, настаните кои се
случија во Македонија непосредно пред одржувањето на Конференцијата
повторно го наметнуваат мирот и стабилноста како приоритетна тема. Република
Македонија, животите на нејзините граѓани, се засегнати со вооружени
активности на вооружени групи екстремисти познати од времињата, коишто
некои веќе со право ги нарекоа "бандитски". Очигледно дека
на овие простори с# уште има такви на кои демократијата, добрососедството
и развојот им пречи и не го прифаќаат мирниот, институционален демократски
начин на решавање на сите прашања.
Пред неколку дена имавме долга исцрпувачка седница на Собранието на
Република Македонија (со низа паузи, консултации и усогласувања), посветена
на актуелната ситуација во нашата земја. На неа отворено беа соочувани
сите аргументи, различни мислења и ставови. Низ парламентарен дух дојде
до израз навистина висок степен на единство во поддршката на институциите
на системот и готовноста да се совлада кризата. Усвоивме навистина добри
заклучоци во однос на сложената ситуација и трагичните настани. Манифестирано
е исклучително висока и ретка поддршка на присутните пратеници од сите
пратенички групи, кои од присутните 103 пратеници 97 беа "за",
шест се воздржаа и ниту еден не беше против.
Највисокиот парламентарен дом како репрезент на сите наши граѓани јасно
ја изрази нивната волја и готовност за зачувување на државниот суверенитет,
територијален интегритет и неповредливост на границите, како и безбедноста
на граѓаните, нивните животи и имот. Тоа е нашиот одговор на тешкиот
предизвик со кој се соочуваме во овој момент. Но нашата земја се соочува
и со многу предизвици кои не се само од безбедносен карактер. Тоа се
економските, социјалните и други прашања и тешкотии кои се присутни
и ги засегаат на еден или друг начин и другите земји во регионот. Меѓу
нас постои заемност и упатеност како комшии еден на друг, според народната
поговорка - и во доброто и во лошото. Верувам дека сите ние овде присутни
ќе направиме с# за поддршка на демократската европска опција, во сите
наши земји поединечно и во регионот во целина.
Благодарам на вниманието.
|
|