КОНФЕРЕНЦИЈА
НА ПРЕТСЕДАТЕЛИТЕ НА ПАРЛАМЕНТИТЕ НА ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА
СКОПЈЕ,
19-21 МАРТ 2001 ГОДИНА
Док. КППЈИЕ-10
21.03.2001
На Конференцијата на
претседателите на парламентите на земјите учеснички и набљудувачи во
Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржана во Скопје на 20
и 21 март 2001 година учествуваа: г. Стојан Андов, г. Намик Докле, г.
Жељко Мирјаниќ, г. Јордан Соколов, г.Мате Граниќ, г.Апостолос Какламанис,
г. Николае Вакароју, г. Вежди Ѓонул, г. Драгољуб Миќуновиќ и г. Срѓа
Божовиќ. Во својство на гости, на Конференцијата, исто така, учестуваа:
лорд Расел Џонсон, претседател на Парламентарното собрание на Советот
на Европа, г. Адријан Северин, претседател на Парламентарното собрание
на Организацијата за европска безбедност и соработка, г. Феличе Безостри,
претседател на Парламентарното собрание на Централноевропска иницијатива,
г. Теодорос Коцонис, потпретседател на Собранието на Западноевропската
унија, г. Тахир Ќосе, специјален пратеник на претседателот на Парламентарното
собрание на НАТО и г. Бодо Хомбах, координатор на Пактот за стабилност
за Југоисточна Европа.
Учесниците ја усвоија
следнава
ДЕКЛАРАЦИЈА
Ние, учесниците на Конференцијата,
Потврдувајќи ја заедничката решеност постојано да ја унапредуваме соработката
меѓу нашите парламенти, држави и народи во интерес на мирот, добросостојбата
и заедничкиот напредок, врз основа на Повелбата за добрососедски односи,
стабилност, безбедност и соработка во Југоисточна Европа, Нагласувајќи
ја нашата определеност активно да учествуваме во изградбата на Европа
на третиот милениум и потврдувајќи ја ориентацијата кон интеграција
во европските и евроатлантските структури, Повторувајќи ја нашата трајна
приврзаност кон принципите на демократското општество, плурализмот и
почитувањето на човековите права и кон развојот на цивилното општество,
Потсетувајќи на Заклучоците од претходната Конференција на претседателите
на парламентите на Југоисточна Европа, одржана во октомври 1997 година
во Атина,
Поздравувајќи ја Декларацијата
на шефовите на држави и влади на земјите од Југоисточна Европа и Планот
за акција за регионална економска соработка усвоени на Самитот одржан
во Скопје на 23 февруари 2001 година,
I
1. Нагласуваме дека обезбедувањето
на мирот и стабилноста, врз основа на почитување на суверенитетот, територијалниот
интегритет и неповредивоста на границите претставува предуслов за остварување
на успешна соработка и прогрес на земјите од регионот.
2. Најенергично ги осудуваме
активностите на екстремистичките групи на етнички Албанци во земјата
домаќин, етничката исклучивост и нетолеранцијата, како и милитантниот
екстремизам и други појави кои претставуваат опасност за дестабилизација
на регионот на Југоисточна Европа и на Европа воопшто.
3. Ја подвлекуваме нашата
поддршка на напорите на владите во регионот за ефикасно спротивставување
на овие појави со сите законски средства.
4. Ја истакнуваме значајната
улога на присуството на меѓународните организации и нивните мисии во
регионот, како и потребата од преземање решителни и конзистентни активности
за обезбедување на мирот и стабилноста во Југоисточна Европа.
5. Ја подвлекуваме нашата
поддршка, во доменот на парламентарните надлежности, за борба против
појавите кои ја нарушуваат внатрешната, регионалната и пошироката безбедност
и стабилност; против тероризмот, организираниот криминал, корупцијата,
незаконската трговија и нелегалната прекугранична имиграција, како и
за поттикнување и унапредување на регионалната соработка во овие области.
II
6. Се обврзуваме да чиниме
се што е во нашата моќ парламентите да се развиваат како средиште на
процесот на демократското одлучување и во што поголема можна мерка да
ги изразуваат мислењата и стремежите на нашите избирачи.
7. Ја истакнуваме нашата
решеност за почитување на правилата и стандардите на демократски, фер
и слободни непосредни избори и ќе остваруваме редовна размена на мислења
во врска со унапредувањето на законодавството и неговата имплементација
во оваа област.
8. Ќе се залагаме за уставно
и законско гарантирање, како и имплементација на човековите права, вклучувајќи
ги и правата на припадниците на малцинствата во регионот и постојано
ќе инсистираме на што побрза ратификација на меѓународните инструменти
од областа на човековите права.
9. Ќе вложуваме напори
за унапредување на парламентарните процедури и ефикасноста на работењето
на парламентите во нашите земји и на овој план ќе остваруваме редовна
размена на мислења и искуства.
III
10. Ги поздравуваме процесите
на пристапување и на стабилизација и асоцијација на земји од регионот
со Европската унија и ќе ја зајакнеме соработката меѓу нашите парламенти
во областа на приближувањето на законодавството со законодавството на
Европската Заедница, како и остварувањето на контролната улога на парламентите
врз владините активности на планот на економските, законодавните, институционалните
и други реформи.
11. Ја повторуваме нашата
поддршка на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа и се обврзуваме
за постојано и тесно парламентарно следење на Пактот, истовремено развивајќи
ја меѓупарламентарната соработка, се со цел за имплементација и брза
реализација на приоритетите на земјите кориснички.
IV
12. Постојано ќе ги поттикнуваме
владите да ја развиваат економската соработка, врз основа на приоритетите
утврдени во Планот за акција за регионална економска соработка.
13. Ќе охрабруваме што
потесна соработка во областа на науката, образованието и културата,
на владино и невладино ниво, особено меѓу младите луѓе.
V
14. Процедуралната рамка
на парламентарната соработка во рамките на Процесот е прилог на оваа
Декларација.
Прилог
ПРОЦЕДУРАЛНА
РАМКА НА ПАРЛАМЕНТАРНАТА СОРАБОТКА
1. Процедуралната рамка
на парламентарната соработка се воспоставува заради имплементација на
заедничките определби и дефинирање на редовни облици на соработка на
ниво на парламенти, нивни работни тела и служби.
2. Парламентарните активности
во рамките на Процесот, врз принцип на ротација, ги координира претседателот
на парламентот на земјата - домаќин на Процесот, во консултација со
претседателите на парламентите на претходниот и идниот домаќин.
3. Претседателите на парламентите
на земјите учеснички во ПСЈИЕ, на покана од претседателот на парламентот
на земјата домаќин, ќе одржуваат годишни конференции за поттикнување
и развој на парламентарната соработка, следење на соработката на владино
ниво и воопшто на одвивањето на Процесот.
4. Во периодот меѓу две
конференции, за одредени приоритетни прашања, определени на Конференцијата
на претседатели на парламентите, најмалку еднаш годишно ќе се остварува
дијалог и размена на мислења на ниво на парламентарни комисии.
5. За прашања од заемен
интерес врзани со Процесот ќе се остварува постојана соработка и консултација
меѓу националните парламентарни делегации на меѓународните парламентарни
собранија на Советот на Европа, ОБСЕ, НАТО, ЗЕУ, ЦЕИ, во ИПУ и во други
меѓународни парламентарни форуми.
6. Меѓу соодветните парламентарни
работни тела и пратеничките групи за соработка ќе се интензивира парламентарниот
дијалог на билатерална и мултилатерална основа.
7. Заради координација
и олеснување на контактите во рамките на Процесот, претседателот на
парламентот - домаќин на почетокот на преземањето на својата улога,
ќе определи Секретаријат и негов раководител и за тоа веднаш ќе ги информира
претседателите на другите парламенти.
8. Соработката меѓу парламентарните
служби ќе се насочува преку редовни годишни состаноци на генералните
секретари на парламентите, односно нивни претставници.
9. Со цел да се избегне
преклопување на активностите, ќе се остварува редовна соработка со другите
регионални иницијативи.