Обраќање
на г-дин Намик Докле, потпретседаттел на албанскиот парламент
Господине
Претседател,
Почитувани колеги,
Заблагодарувајќи им на
македонските колеги за организирањето на оваа значајна конференција
во овој клучен момент, би сакал исто така, да им пренесам на другите
колеги од регионот пораки за искрена соработка и разбирање од страна
на Парламентот на Албанија. Дојдовме на овој сотанок, подготвени да
дадеме наш придонес кон зајакнувањето на дијалогот, заснован врз вредностите
на демократска Европа на денешнината.
Одржувањето на оваа конференција,
со учество на највисоките претставници на Парламентот на Југоисточна
Европа, сведочи за зајакнувањето на веќе воспоставената соработка меѓу
земјите од регионот. Претседавањето со овој процес од страна на секоја
земја поединечно и нивните заложби, веќе придонесоа кон акумулирањето
на демократско искуство и на политички кодекс за интегрирање на нашите
односи. Присуството на највисоките претставници на Советот на Европа,
на ОБСЕ, на Европската унија и на други меѓународни организации, сведочи
за значењето кое овие престижни организации му го придаваат на овој
процес, притоа укажувајќи на концептот на пошироки визии и европски
вредности.
Кога говорам за европски
визии, пред се мислам на иднината. Често, ние балканските народи, се
сметаме за најдревни народи на Европа. Се фалиме дека кога Хомер ја
пишувал Илијадата, Париз не постоел; се фалиме дека кога Кирил и Методиј
ја создале азбуката, Нобел не бил ни роден; се фалиме дека кога стариот
град Драч во Албанија им ја учеше културата на римските императори,
Великото војводство на Московија беше само едно непознато село.
Минатото и историјата
треба да се паметат. Сепак, ние сме тие кои треба да ја градиме иднината,
без притоа да ја заборавиме генијалната мисла на Черчил според која,
"Балканот произведува повеќе историја отколку што може да консумира".
Поинаку кажано, нашиот регион проиозведува конфликти од таков вид, што
понекогаш се тешки да се разрешат.
Во овој општ контекст,
мојата земја Албанија, е одлучна во својата намера да го унапреди процесот
на интеграција и на регионална соработка. Ова го сметаме за една од
основните вредности на стабилноста и мирот во регионот. Парламентарната
димензија претставува моќен фактор во насока на продлабочување на процесот
на интеграција меѓу земјите од регионот и едно од најефикасните средства
за борба против националистичките и изолационистичките тенденции, засновани
врз етничката припадност, или поттикнати од минатите сојузи, кои денес
во очите на новите генерации стануваат безвредни. Идеите за "Голема
Србија, "Голема Бугарија" или за "Голема Албанија",
или било какви други, за мене претставуваат националистички халуцинации
кои во себе кријат бројни опасности. Албанскиот парламент познава само
едно големо соединување на Европа, кое денес брои 43 земји членки на
Советот на Европа.
Тука е нашата иднина и
во нејзино име како и во име на нашиот демократски процес, неопходно
е да се поттикнат праксите и структурите кои произведуваат:
- мир место конфликт;
- слободен глас место насилство,
- конвенционалност на границите место нивно затварање,
- интеграција место изолација,
- слободно движење место пречки,
- размена на културите место нивно конфронтирање,
- етнички соживот место доминација,
- зближување на народите место нивна конфронтација.
Но фактот дека ситуацијата
во нашиот регион останува и понатаму оптоварена со провокации и со знаци
на нестабилност, за жал не оди во таа насока. Елементите кои се во корените
на тензиите и немирот, во последно време, се намножија. По разрешувањето
на Косовската криза и по демократските промени во Србија, би било логично
тензиите да опаднат. Но за жал тензиите се зголемија и посебно:
- ситуацијата во Митровица
и понатаму останува напната и тој град полека станува еден мал Берлин,
оптоварен со големи проблеми,
- Политичките затвореници од Косово, кои до вчера беа заложници на Милошевиќ,
и понатаму остануваат затвореници и сеуште нема сигурен одговор на прашањето:
Кога ќе бидат ослободени?
- Вооружените провокации или активностите на екстремиситичките групи
последниве денови во Прешевската долина и посебно во Македонија, се
повеќе од загрижувачки.
Според нашата концепција,
решението на сите овие проблеми може да помине саму преку еден пат:
тоа е патот на политичкиот и демократскиот дијалог. Екстремистичките
приоди, од каде и да доаѓаат и прифатени од било кого, немаат никава
поддршка ниту пак иднина. Насилството, од било која страна е неприфатливо.
Не смее ситуацијата да дегенерира во вооружен конфликт. Мислам дека
постојат сите можности со цел отворените прашања да се решат преку мирољубиви
средства, во духот на взаемна доверба и на почитување на целосна еднаквост
меѓу граѓаните со сите уставно-правни гаранции. Основите на мирниот
соживот во Македонија, не треба да се нарушат со стариот менталитет
и старите политики; ниту пак да го носат печатот на насилството и на
силата. Почитувањето на вредностите на Советот на Европа, кои сите граѓани
ги смета за еднакви меѓу себе, обезбедува широк простор на разбирање.
Преку разоружување на духот на луѓето нема веќе да постојат герилци
низ планините ниту пак тенкови низ градовите.
Албанија е една од првите
држави која ја призна независноста на македонската држава, свесна за
нејзината улога на фактор на стабилност во регионот. И во однос на последните
настани, сите државни институции на Албанија, како и политичките и општествени
фактори во Косово и Македонија, едногласно и кохерентно се изразија
во прилог на доброто разбирање, на толеранцијата и на соработката; го
осудија насилството како средство за постигнување политички цели, а
се заложија притоа за демократско, мирољубиво и интегративно решение.
Освен тоа, би сакал да
го изразам моето задоволство поради фактот дека политичката ситуација
во Косово и понатаму останува на дневниот ред на Советот на Европа и
на другите организации кои придонесоа во решавањето на кризата која
го погоди. Мислам дека иднината на Косово и на неговиот иден статус
не претставува единствено српско-албански проблем, ниту пак единствено
регионален, туку тоа е меѓународно прашање, што соодветствува со неговиот
актуелен статус на меѓународен протекторат. Овој протекторат, присуството
на КФОР и на цивилната администрација на ОН во регионот, цивилната и
воена димензија на меѓународното присуство, имаа позитивен ефект во
прилог на зачувувањето на стабилноста. Ценам, дека една конференција
од типот на дејтонската, би била од голем интерес за Косово, со присуство
на сите легитимни претставници на Косово, кои би произлегле од парламентарните
избори. Одржувањето на овие избори, би ја подобрило ситуацијата, и би
придонело кон консолидирање на демократијата, етничкиот соживот и просперитет.
Почитувани колеги,
Фактот дека процесот на
соработка на државите од југоисточна Европа со Европската унија напредува,
претставува значајна придобивка за сите земји од регионот. Овој процес
доби нов поттик во текот на Загребскиот самит минатата година. Независно
од разните фази со Европската унија, цениме дека успехот на секоја земја
значи успех за сиот регион. Во истиот контекст, тешкотиите и пречките
со кои се соочува секоја земја во оваа насока, имаат тешки последици
по сиот регион. Ги поздравивме конкретните чекори кои беа преземени
во оваа насока од страна на Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија
и ќе го следиме нивните позитивни искуства.
Во овој контекст, наш
приоритет претставува исто така и борбата против нелегалниот шверц и
организираниот криминал. Според официјалната определба на Албанија,
"криминалот нема патрија, не познава етничка припадност, не познава
граници." Никој нема да биде заштитен ако делува сам. Соработувајќи
во борбата против организираниот криминал, резултатите нема да изостанат.
Не треба да заборавиме дека често политичките тензии се поттикнати од
меѓународната мафија, која отсекогаш на дестабилизацијата на било кој
регион гледала како на плодно тло за нејзините нелегални делувања.
Долгорочната стабилност
на нашиот регион подразбира продлабочување на процесот на соработка.
Таа се надоврзува на примената на еден од основните и најстарите принципи
на Хелсиншката Повелба, посебно во однос на слободното движење на луѓе,
стоки и идеи. За парламентот и владата на Албанија, европската интеграција
почнува со добрососедските односи и со регионалната интеграција. Затоа
сакам да истакнам тука дека слободното движење на луѓе, стоки и култури,
либерализацијата на пазарите, реализацијата на заедничките проекти,
воспоставувањето на еден регионален Шенген, би биле елементи кои ќе
му го претстават на западниот свет, новиот менталитет кој денес го негуваме
во нашиот регион.
Веќе ни е дадена голема
шанса со Пактот за сабилност за југоисточна Европа. Во својата основа,
овој пакт ја содржи сериозната заложба на Европската унија, на САД и
на меѓународните институции за просперитет и стабилност на нашиот регион.
Пактот останува најзначајната и најсериозна иницијатива, модел на интеграција,
на партнерството и на европеизацијата на нашиот регион. Неговото конкретизирање
и ефикасна реализација, ќе ја зголеми сигурноста на процесот на прогрес
во нашите земји поединечно.
Со цел да се интензивира
акцијата на парламентарната димензија во горенаведените области, исто
така предложивме создавање на парламентарно собрание на земјите вклучени
во Пактот за стабилност. Доколку нема спротивно мислење, би можеле многу
скоро да отпочнеме со негова реализација.
Почитувани колеги,
Денеска, сите ние ги
делиме истите грижи и аспирации за иднината на нашите народи. Може да
постојат и различни мислења во однос на едно исто прашање. Но наша заедничка
заложба е реализација на концептот на модерна и европска иднина за нашиот
регион. Овие проекти може да се преточат во дела само доколку на прогресот
на секој поединечно гледаме како на дел од заедничкиот интерес, како
на чекор напред кон нашата интеграција во обединета и демократска Европа
Благодарам за вашето внимание.