Скопски Самит
февруари 22-23, 2001

Скопски Самит
октомври 25, 2000

Собрание на
Република Македонија

Македонска
Информативна Агенција

 

 

ОБРАЌАЊЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, г. БОРИС ТРАЈКОВСКИ

Екселенции,
Дами и господа,
Почитувани пријатели,
Ми причинува големо задоволство да констатирам дека досегашните постигнувања од претседавањето на РМ со Процесот за соработка во ЈИЕ ја покажуваат исклучителната важност и значењето на овој Процес, и во тој контекст ја поздравувам оваа Конференција на претседателите на Парламенти на земјите од ЈИЕ.
На последниот самит на државите од регионот ги потврдивме нашите заложби и дадовме нов придонес и поттик за зајакнување на соработката и добрососедските односи, со што отворивме ново поглавје во нашата заедничка историја.
Од Самитот беше испратен уште еден сигнал до меѓународната заедница дека земјите од регионот се отворени и подготвени за секаков вид на соработка со цел да се создадат услови за траен мир и просперитет во регионот.

Почитувани пријатели,
На Самитот со задоволство беше поздравено формалното враќање на СРЈ и полноправното пристапување на Босна и Херцеговина во Процесот со што се отвори перспектива за натамошно продлабочување на регионалната соработката и се создаваат услови за негова уште поважна улога во развојот на регионот.
Беше отворена и нова димензија во нашата соработка, имено покрај политичката потребно е развивање и на интензивна економска соработка. Со таа цел беше поздравено одржувањето на Економскиот форум и беше усвоен Планот за Акција за регионална економска соработка кој, убеден сум ќе даде поттик и ќе придонесе за побрз развој на нашите земји како и побрза интеграција во Европа и Евро-атланските структури.Воедно дадовме силна подршка на напорите на специјалниот координатор на Пактот за стабилност Б.Хомбах и ја повторивме нашата заложба за брзо имплементирање на иницираните проекти во рамките на Пактот.
Исто така на средбата беше поздравено потпишувањето на Договорот за разграничување помеѓу РМ и СРЈ што претставува позитивен пример и патоказ за тоа како треба да се решаваат проблемите во регионот - преку отворен и конструктивен дијалог.
Поздравувајќи ја определбата на ЕУ за отворање на перспектива за целосно интегрирање на земјите од ЈИЕ во Европските структури, ја потврдивме нашата цврста определба за јакнење на регионалната соработка ,како средство што ќе ги надополни нашите индивидуални напори и ќе овозможи забрзување на интегративните процеси во ЕУ.
Самитот ни даде уште една можност да ја реафирмираме нашата подршка на демократските процеси во СРЈ и напорите на Југословенското раководство да продолжи со демократските реформи и подготвеноста за соработка со меѓународната заедница. Ја потврдивме и заложбата за целосна и доследна имплементација на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
Заеднички констатиравме дека за подобра иднина на нашите земји е неопходно да изнаоѓаме нови форми за соработка како и интензивирање на функционалната интеграција во Процесот преку одржување на редовни секторни средби.

Екселенции,
Почитувани пријатели,
На Самитот посебен акцент беше даден на состојбите во Јужна Србија. Беше изразена големата загриженост и стравувањето од напливот на милитантниот екстремизам во регионот.
Остро беа осудени насилничките терористички акции од страна на етнички мотивирани екстремни вооружени групи во Јужна Србија што претставува сериозна закана за нестабилност не само за СРЈ туку и потенцијал за прелевање на нестабилноста во регионот пошироко. Упатена беше сериозна заедничка порака против тероризмот, и против болните амбиции и сништа за прекројување на границите и"големи етнички држави".
Но за жал, нашите стравувања и предупредувања беа оправдани. Некои сили ги насочија своите активности против стабилноста на РМ. Мојата земја во моментов се соочува со најбрутално насилство и терористички акции од страна на Албанските екстремисти.. Загрозен е територијалниот интегритет и сувереноста на РМ, а дадовме и жртви. Сакам да истакнам дека со тероризмот и етнички мотивираниот милитаризам со елементи на етничка омраза, директно насочени против нашите напори и заложби за градење на здраво мултиетничко општество, нема да се преговара. Напротив тие треба да бидат политички и воено поразени и избркани од територијата на РМ. Нагласувам дека евентуалниот успех на тероризмот и етничкиот екстремизам е почеток на крајот на мирот и стабилноста во регионот. Никогаш нема да дозволиме со оружје и човечки жртви да ни се наметнува расправа за почитување на човековите права. Ние имаме доволно сила и одлучност да му застанеме на патот на тероризмот, и решително со сите средства ќе го браниме суверенитетот и територијалниот интегритет на РМ, но ја поздравувам и подршката што ни ја даваат соседите. Сите политички структури во РМ покажаа единство во определбата за зачувување на мирот и територијалниот интегритет на земјата, а тероризмот и екстремизмот го осудија и Албанските лидери од Косово и Албанија како и целокупната Меѓународна заедница, воедно подржувајќи ги нашите активности за спречување на насилствата и враќање на мирот и безбедноста на нашите граѓани.

Почитувани пријатели,
На крајот сакам да го искажам мојот оптимизам дека набрзо мирот, стабилноста и безбедноста повторно ќе се воспостават и дека сите ние ќе продолжиме да ја зајакнуваме регионалната соработка во сите правци, со што ќе го отвориме патот кон посветла иднина за регионот и за идните генерации.