Куса
информација
Од 19 до 21 март 2001
година во Скопје во хотелот Александар Палас ќе биде одржана втората
Конференција на претседателите на парламентите на Југоисточна Европа
на тема "Стабилноста, економскиот развој, демократијата и добрососедската
соработка во Југоисточна Европа".
Престојната Конференција
на претседателите на парламентите на Југоисточна Европа во Скопје се
реализира во рамките на Процесот за соработка во ЈИЕ кој е создаден
во 1996 година, врз основа на автохтона иницијатива на земјите од регионот.
Денес во него се вклучени како полноправни членки: Македонија (актуелен
председавач) Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Романија,
Турција и Југославија, како и Хрватска со статус на набљудувач.
Република Македонија како
претседавач и земја домаќин се определи во периодот март 2000 - март
2001 година да ги организира сите вообичаени средби и манифестации.
Меѓутоа заради ситуацијата во регионот на 25 октомври во Скопје е одржан
неформален, а потоа на 22 февруари 2001 година и редовен (четврти) Самит
на шефовите на држави и на влади на Процесот за соработка во ЈИЕ, а
за прв пат и Економски форум, со учество и на министрите за економија.
Во рамките на Процесот
за соработка во ЈИЕ на парламентарна основа е одржана во 1997 година
во Атина Конференција на претседателите на парламентите на ЈИЕ со учество
на претставници на парламентарните собранија на повеќе меѓународни организации.
Подоцна оваа Конференција беше проследена со парламентарен подготвителен
состанок на експертско ниво за утврдување на модалитетите на идната
соработка. Претседателите на парламентарните комисии за надворешна политика
имаа состаноци во Турција 1998 година и во Романија 2000 година.
Од страна на Собранието
на Република Македонија, со цел да биде зајакната парламентраната димензија
на Процесот за соработка во ЈИЕ, иницирано е возобновување на Конференцијата
на ниво на претседателите на парламентите. Континуираната парламентарна
соработка на највисоко парламентарно ниво е во согласност со заклучокот
од споменатата Конференција во Атина за "институционализирање на
парламентарниот дијалог преку организирање на Конференција на претседателите
на парламентите на ЈИЕ, врз редовна основа и со ротација". За жал,
од разни причини до сега не беше реализирано. Со оглед на несомнената,
а во овој момент дури и засилената потреба за мултилатерална и билатерална
парламентарна соработка, како и заради следењето на веќе воспоставената
развиена и редовна соработка на владина основа, возобновувањето на Конференцијата
е прифатено од парламентите на земјите учеснички и подржано од парламентарните
собранија на повеќе меѓународни организации.